
Македонската банкарска асоцијација со препораки до клиентите за заштита на граѓаните
Македонската банкарска асоцијација соопшти дека сите банки и штедилници интензивно преземаат активности за заштита на здравјето на своите клиенти.
Оваа асоцијација апелираше до граѓаните, заради заштита на јавното здравје, да ги почитуваат следните препораки:
- Филијалите и експозитурите да се посетуваат само кога тоа е неопходно и да се настојува што повеќе да се користат услугите за електронско и мобилно банкарство коишто во овој период се бесплатно достапни 24/7 (преку овие услуги може да се вршат трансакции и за плаќање на сметки – услуга за којашто повеќе граѓани сѐ уште ги посетуваат филијалите и експозитурите);
- При неопходна посета на филијалите и експозитурите да се почитуваат насоките за соодветна раздалеченост и препораките за самозаштита;
- Да се почитуваат насоките дадени со цел преку чекањето пред филијалите и експозитурите кога тоа е неопходно да не се загрози здравјето;
- Да се избегнува користењето готовина и при плаќања секаде каде што е можно да се користат платежните картички.
Македонската банкарска асоцијација тврди дека во моментов се разгледуваат повеќе опции за соодветно натамошно организирање на работата, особено при следните исплати на пензии и на социјална помош кога бројот на клиенти коишто ги посетуваат банките е поголем.
“Притоа се имаат предвид и мерките за временско ограничување на движењето, како и бројноста на персоналот којшто е активен во овој период во банките, бидејќи дел од вработените се отсутни заради мерките за заштита (родители), а истовремено сите банки имаат креирано и резервни тимови во случај на евентуална контаминација. Уверени сме дека во натамошниот период, процесот ќе се одвива поефикасно, со заложба и од страна на банките и од страна на клиентите коишто ќе ги следат препораките” – соопшти македонската банкарска асоцијација.