
Македонска салата од претседателски кандидати
На менито во некои ресторани во светот може да се прочита: македонска салата. Се прави од модри патлиџани, домати, маслинки, магдонос, сирење и зачини. Ја рекламираат како вкусен оброк од зеленчук со различни бои и вкусови.
Македонската салата е и на менито на Гордана Силјановска-Давкова. Како вегетаријанска понуда, веројатно е дел од нејзината исхрана, но ја има и во претседателската програма. Тоа е онлајн платформа која ќе служи за промовирање на Македонија преку лични искуства од културата, народот, образованието, забавата, бизнисот, природата и храната. „Салатата“ е дел од ставката Јавна дипломатија, која содржи и други проекти што треба да придонесуваат за промоција на земјата и за градење позитивен имиџ, како што се: Форум за меѓународна политика, Конференција за безбедност и продолжување на проектот на Иванов – Школа за лидери. Но, првиот акцент во програмата на Силјановска е нов Устав или голема ревизија на постојниот, со допрецизирање на претседателските надлежности.
Додека првите страници од програмата на Силјановска се посветени на уставната реформа и Преспанскиот договор, прв и најважен столб за Стево Пендаровски е: Обединување! Сака да ја прекине политиката на Иванов, кого го смета за предводник на лажната антиквизација, која ги збунила граѓаните и натерала дел од македонскиот народ да се посомнева во своето потекло и историја и да се срами од словенските корени, а истовремено ја подрива нашата борба за самобитност и достоинство во светот. Овие избори ги смета за шанса да се зададе последен удар на режимот на Груевски и на неговите двојници во ликот на сегашниот претседател, лидерот на партијата и кандидатката за претседател. Во секоја прилика Пендаровски говори за стратешко партнерство со членките на ЕУ и на НАТО.
Претседателскиот кандидат Блерим Река предлага нова функција во државата: потпретседател. Не треба да биде од македонската заедница, ќе се бира на непосредни избори како претседателот или во Собрание, доколку Уставот се смени и доколку пратениците добијат право да го бираат првиот човек во државата и неговиот заменик со двотретинско мнозинство. Потпретседателот ќе има право да го потпишува указот за законите што ги регулираат правата на немнозинските заедници, за да не ни се повтори случајот со непотпишувањето на Законот за јазиците од страна на Иванов.
Ова се само дел од поентите во програмите на претседателските кандидати. Целата содржина се праќа во текот на кампањата од 20 дена во пишана, електронска и говорна форма.
Соња Николовска