
Македонска берза со висок раст на прометот на капитал
Македонската берза годинава продолжува да бележи висок раст на прометот на капитал, кој заклучно со вчера изнесува 82 милиони евра, што е повеќе од вкупниот промет за цела 2017 година, а МБИ индексот во првиот квартал од оваа година бележи раст од 16 %. Тоа според првиот човек на Македонска берза Штериев се должи на микс од фактори, пред се на добрите резултати на котираните компании, и зголемениот оптимизам на инвеститорите од придвижување на интегративните процеси на земјата. Но и натаму постојат предизвици, како што е малата вклученост на странските компании на берзата, на што треба да се работи во иднина.
„Има позитиви очекувања за пробив во евроатлантските интеграции на земјата, значи еден микс на фактори кои влеваат иптимизиам, но од друга страна не треба да ставаме розови наочари. Дел од проблемите со кои со години се соочува пазарот остануваат, се тргува со исти инструменти, нема нови котации, има потреба од подобрување на корпоративното управување во компаниите и деловната практика“, изјави Штериев.
Растот на прометот на Македнската берза е највисок во опкружувањето, велат претставници на берзите од регионот. Тие сметааат дека државите не ја сфаќаат доволно улогата на берзата, која според нив, е клучен фактор за реален економски раст.
„Нашите друштва се уште не сфаќаат дека берзите не постојат заради самите нив, тие всушност треба да даваат решенија не како алтернативен, туку како клучен начин на финансирање на растот и развојот на, сигурно ќе ве изненди ова, приватниот сектор. Никакви државни субвенции, проекти и дотации од буџетот, посебно на сметка на даночните обврзници, не можат да го заменат тоа што може да го направи пазарот“, вели Синиша Крнета од Белградската берза.
Министерот за финансии Тевдовски ги поздрави добрите резултати на берзата, кои како што рече, ги потврдуваат позитивните трендови во домашната економија и излегувањето од кризата во која таа се наоѓаше изминатите години. Сепак тој смета дека таа и натаму е кревка и потребна и е помош од државата. Една од мерките останува и воведувањето на прогресивен данок од 2019 година.
Министерот Тевдовски денеска во Охрид беше гостин на 19 годишна конференција на Македонската берза, на која експерти од областа на финансиите од земјава и странство, дискутираат за трендовите и проблемите на пазарот на капитал.
Горан Момироски