
Македонска база на отворени податоци по британски терк
Нема веќе мастики, чорапи, скапи чанти и хотелски соби во Хилтон на државна сметка, а далеку од очите на јавноста. Се што ќе потрошат министрите и другите јавни функционери за две недели ќе влезе во базата на отворени податоци. Фискалните сметки направени од службените картички ќе се најдат на увид пред граѓаните. Секој ќе може да види дали некој минитер појадувал бурек, јајца од препелица или на државна сметка се почестил срнечко и потрошил астрономски суми.
Вратите ќе мора да ги отворат и локалните власти, а дел од информациите кои за да ги добиете треба да го отворите паричникот, најверојатно ќе станат бесплатни.
Новата база на податоци ќе се прави по теркот на британската. Таму информациите ги акцентирале улиците со најмногу криминал. Со тоа се кренал алармот кај полицијата, а се намалиле цените на становите. Овој проект се покажал како ефективен и во јавното здравство и во образованието. Во болниците, за дури 80 отсто се намалиле интрахоспиталните инфекции.
Следен чекор е изработка на Национална Стратегија за отворени податоци, нов портал кој ќе се базира на најдобрите светски пракси, бидејќи старата владина веб-страница чии податоци се заглавени во 2014тата, има технички проблеми кои, според министерот Манчевски, е невозможно да се отстранат.
Весна Јовановска Дојчиновска