
„Македонијо, алал да ти е, а нам, арам да ни е“ – 8 септемвриските честитки годинава поразлични
„Низ се што мина и преживеа од 1991 наваму, алал да ти е, а нам арам да ни е. Вечна да си и за многу години“.„Ограбена, понижена, распарчена, искористена, но моја си, Татковино, вечна да си…“. Ова се само дел од честитките што за денот на независноста ги преплавија социјалните мрежи. Многу поразлични од претходните години, полни со револт и загриженост за политичката ситуација и корупциските скандали.
По промената на името, и со прашалници, како да се честита сега? Граѓаните потсетуваат дека, пред 28 години немавме ни пржински, ни рамковни, ни мартовски, ни мајски договори, но курсот на политичарите и прифаќањето на одговорноста доведе до независност. Сега нема успех ни со толку многу „договори“ и декларации, затоа што корупцијата ја уби довербата кај народот во политичарите.
Тие, исто така, кој од дома, а кој од плажа или планина, ги искористија социјалните мрежи за да испратат честитки.
Опозицискиот претседател, пак, испрати порака од врвот на Кораб.
Македонија стана независна пред 28 години, по успешно спроведениот референдум, на кој граѓаните се изјаснија за самостојна и суверена држава. На референдумот над 95 отсто од граѓаните што излегоа да гласаат, одговорија позитивно на прашањето „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?.Претходно, првиот повеќепартиски македонски Парламент, усвои Декларација за независност.
Далиборка Демјанска Цветановска