Македонија стартуваше со триумф над Косово

Македонската кошаркарска репрезентација со гостински триумф ја отвори втората фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство во 2021 година откако во Приштина славеше победа над Косово од 76:73 во првиот меч од групата Б.

Нашиот национален тим започна убедливо со водство од 19:6 и кога се чинеше дека рутинирано ќе ги освои првите бодови домаќинот во третиот период поведе со 41:39 пред мечот да влезе во незвесна завршница. По водството од осум разлика во последната минута домаќинот можеше преку Дардан Бериша да обезбеди продолжение откако на девет секунди пред крајот беше фаулиран од зад линијата за три. Тој промаши едно од трите слободни фрланања а потоа на спротивната страна Војдан Стојановски од истата позиција ги реализираше двете и го потврди првиот триумф.

Бојан Трајковски со 17 поени и 11 скокови беше најдобар кај нашата репрезентација, Дамјан Стојановски постигна 15 а двоцифрени беа уште Стојан Ѓуроски со 14 и Ричард Хендрикс со 10 поени на кои дополни и 12 скокови. Во спротивниот табор Бериша со 32 поена беше наејфикасен на средбата.

Македонија првиот прозор од претквалификациите го продолжува во недела на 16 септември кога ќе гостува Романија. Македонската кошаркарска федерација информираше дека ги пушти во продажба билетите за овој дуел по популарна цена од 100 денари со цел пред полни трибини и со подршка од навивачите во СЦ „Борис Трајковски“ да ја пречека Романија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ