
Македонија со „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска во главна конкуренција на Берлинскиот Филмски Фестивал
Со филмот „Господ постои, името и е Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, копродукција меѓу пет земји, Македонија ќе земе учество во главната програма на Берлинскиот филмски фестивал.
- Иако со малцинските копродукции имавме некоја случајна среќа или некој успех , сепак после 25 години за прв пат се случува македонски филм да влезе во официјална конкуренција на фестивал од А категорија и тоа Берлин кој е многу рестриктивен и избирлив и многу тежок за влегување. Ова е огромна радост за сите вистински професионалци и филмски работници, смета Горјан Тозија, директор на Агенција за филм на Р.М.
Филмот „Господ постои името и е Петрунија“ зборува за девојка во Штип која живее со своите родители и се обидува да најде работа. За време на празникот Водици се одлучува да скокне по крстот и проблемите почнуваат во тој миг кога ќе го фати и се соочува со реакциите „Чекај ти си жена“!.
- Многу труд вложивме, некомпромисна уметност, многу љубов и многу мака. Во рекордно време за шест месеци го склопивме буџетот кој изнесува милион и четиристотини илјади евра , имавме добиено од агенцијата 30 милиони денари што е околу 500 илјади евра, рече Лабина Митевска , Сестри и Брат Митевски Продукција.
За квалитетот на филмот кој кој ќе ја има својата светска премиера во Берлин сведочи и огромниот интерес кај најголемите агенти за продажба. Во преговорите го избравме најсилниот во моментов францускиот Пирамид кој што застанува зад филмови кои ја одбележуваат врвната светска и европска кинематографија, вели Митевска.
Нина Стефанова