
Македонија од утре под лупа на ЕУ, почнува скринингот
Владеењето на правото, судството, корупцијата, слободата и безбедноста, од утре ќе бидат под лупа на Европската комисија. Еврокомесарот Јоханес Хан, доаѓа во Македонија, со што ќе почне техничкиот дел на процесот на скрининг. За 33-те поглавја за Македонија, владата ќе треба да формира 33 работни групи во кои ќе се ангажираат над илјада лица од институците и од граѓанскиот сектор. Ги чека жешко работно лето, но и година, во која ќе мора да се спроведат реформите и подготват институциите. Мора да се формираат и тимови за преговори, како и да се обезбедат бараните податоци.
Со овој процес се проверува нивото на подготвеност на земјата за водење на преговорите со ЕУ. Хан пред неколку дена изјави дека скринингот почнува со поглавјата 23 и 24, а пред тоа ќе се дефинира целиот патоказ и ќе биде назначен координатор. Експертите оценуваат дека Македонија не е ништо помалку подготвена од соседите во периодот на нивниот скрининг, дури во некои области е и поподготвена. Но, укажуваат дека, најтешко ќе оди со промената на културата на неказнивост.
Со овие поглавја се регулираат и прашањата на граничната контрола, визите, надворешната миграција, азилот, полициската соработка, борбата против организираниот криминал и против тероризмот. Според агендата, Хан утре изутрина ќе има средба со премиерот Зоран Заев, а потоа и со претседателот на Парламентот, Талат Џафери и со лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Потоа ќе се обрати пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.
По скринингот, Комисијата треба да подготви извештај со кој дава оценка за тоа, дали е Македонија подготвена за влез во ЕУ.
Далиборка Дамјанска Цветановска