Македонија од денеска е членка на НАТО
Историски успех. Вака македонскиот државен врв го нарече влегувањето на земјата во НАТО, една од стратешките цели на Македонија од независноста до денес. Поради пандемијата со корона вирусот, изостанаа свечените церемонии, но не и честитките за членството.
Геералниот секретар на НАТО Јенс Стлтенберг и посака добредојде на земјата.
Беше долг пат, но сите ваши напори се исплатеа. Формалниот процес на пристапување сега е завршен и се радуваме да ве имаме како 30-та членка на Алијансата со нас, напиша тој.
Со нетрпение очекуваме да бидеме ваш партнер во следните фази и ќе продолжиме да стоиме покрај вас додека влегувате во следното поглавје од историјата на вашата државам порача американската амбасадорка во земјава Кејт Мери Брнз.
Македонија станува членка на Алијансата, по речиси 30 години чекање. Најблиску до членство беше пред 12 години, на тогашниот Самит во Букурешт, кога Грција стави вето поради тогаш нерешениот спор со името.
Денеска влеговме под чадорот на безбедност кој штити милијарда луѓе во светот. Денот го чекавме речиси 30 години, рече министерката за одбрана Радмила Шеќеринска.
Министерот за надсворешни Никола Димитров ќе биде првиот министер кој на втори април ќе учествува на министерски состанок на НАТО, кој поради корона вирусот ќе се одржи преку видео-врска.
Од денес ги имаме САД како наш, сега и формален сојузник и уште 28 земји-членки и никогаш веќе нема да бидеме сами, рече Димитров.
Во понеделник македонското знаме ќе се подигне во седиштето на НАТО во Брисел и во командата на сојузничките сили во Норфолк, Вирџинија. Денеска приемот во НАТО беше одбележан со почесна стрелба од артилериски орудија во скопската касарна Илинден.
Марија Дивитарова