Македонија нема да ја сели амбасадата од Тел Авив

Македонија не размислува за преместување на својата Амбасада од Тел Авив во Ерусалим, соопшти македонското МНР, откако вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетјанаху ги повика другите земји да го следат Вашингтон и да ги префрлат амбасадите во Ерусалим. Инаку Македонија ја прослави, но не влезе во новата амбасада на САД во Ерусалим како официјализирање на нејзиното признавањето на Ерусалим за главен град на Израел.

Иако македонскиот в.д. амбасадор не присуствуваше на отворањето на американската амбасада, самото присуство на прославата за нејзинотот отворање може да се толкува како контрадикторност ако се знае дека Македонија на 21 декември ја поддржа Резолуцијата на Генералнотот обрание на ОН со која се бара САД да ја повлечат одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел. Македонија тогаш беше дел од 128 држави кои гласаа против одлуката на САД, меѓу кои и Германија, Велика Британија, Франција.

Од МНР за Телма велат дека присуството на прославата не значи промена на ставот на земјава.

„Тоа не имплицира ниту неконзистентност, ниту промена на ставот на Република Македонија во однос на ова прашање“, се наведува од МНР.

Од таму велат дека во однос на прашањето за статусот на Ерусалим, земјава останува на своите јавно декларирани ставови, стриктно придржувајќи се кон одредбите на меѓународното право и резолуциите на Светската организација, за кои Македонија конзистентно гласа во Генералното Собрание на ОН, последен пат на 21 декември 2017 година.

Присуството на македонскиот дипломат на прославата организирана од израелското МНР за отворањето на амбасада на САД, од МНР го објаснуваат како дел од вообичаените дипломатски активности со кои се изразува почит кон земјата домаќин.

Освен Македонија на прославата од европските држави присуствувале и Австрија, Чешка, Унгарија, Романија, Албанија, Србија, како и Грузија и Украина. Од МНР наведуваат дека присуството на македонскиот дипломат на прославата ја рефлектира и заложбата на Македонија за постојан дијалог и отвореност во соочувањето со комплексните прашања „вклучително и оние за кои постојат различни и спротивставени ставови, како што е тоа случај со статусот на Ерусалим“.

А токму свеченост по повод селењето на амбасадата на САД во Ерусалим и негово признавање за главен град ја покажа спротивставеноста во најкрваво светло. Церемонијата на отворањето на американската амбасада ги доведе до кулминација  седумнеделните протести на Палестинците на границата на Појазот Газа, во кои изралеската армија убиени 60 Палестинци, а над 2.700 лица се повредени. Советот за безбедност синоќа побара итна независна истрага за насилствата, но усвојувањето на документот беше блокирано со вето од страна на Вашингтон. САД досега 43 пати употребиле вето во Советот за безбедност за резолуции поврзани со Израел.

Канцеларијата на ОН за човекови права го осуди, како што ги нараче, „ужасното смртоносно насилство“ на израелските безбедносни сили во Појасот Газа и побара независна истрага.

Во Појасот Газа ситуацијата денеска е смирена и се погребуваат загинатите во немирите. Во меѓувреме Палестинците се судрија со израелските војници во Западниот Брег, а се протестира и во Витлеем и во Рамалах, на одбележување на палестинскиот „Ден на катастрофата“, кога пред 70 години 700.000 Палестинци се протерани од територијата на која беше создадена државата Израел.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ