
Македонија напредуваше за две места на ФИФА ранг-листата
По одличниот старт во новоформираната Лига на нации, македонската фудбалска репрезентација напредуваше за две позиции и сега е 68 нација во светот на најновата ранг-листа во септември што еднаш месечно ја објавува ФИФА.
Националниот тим оствари две идентични победи од 2:0, на гости кај Гибралтар и пред своите навивачи со Ерменија во групата четири, за пласман на Европското првенство и тоа беше причината за овој скок.
Следниот противник за 13 октомври на „црвено жолтите“ во Лигата на нации, репрезентацијата на Лихтенштајн исто така го подобри својот рејтинг за две места и сега е 178.
Белгија се искачи на врвот и му се приклучи на светскиот првак Франција со кого го дели првото место за првпат во 25 годишната историја од кога ФИФА прави ранкинг-листа. Бразил е трет а во топ 10 влегуваат уште, Хрватска, Уругвај, Англија, Португалија, Швајцарија, Шпанија и Данска.