Македонија има само 40 лиценцирани водичи за планина

Се уште постојат субјекти кои спротивно на законот избегнуваат да ангажираат професионалци при реализација на аранжмани кои вклучуваат посета на планина, предупредуваат од Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина.

Во Македонија во моментов има 140 водичи во планина со интернационална лиценца, а само 40 ја обновиле, што е далеку под потребниот број.

Интернационалната лиценца за водич во планина не може да се купи. Таа се стекнува со интензивна обука која трае до две години и се одвива под мониторинг на Меѓународната унија на интернационални водичи во планина. Експерти на унијата деновиве престојуваат во Македонија каде во тек е обука на водичи во планина во зимски услови. Како проблем тие го наведуваат немањето соодветна опрема и осигурувањето на посетителите на планина.

„Осигурувањето исто така е предизвик за Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина, но она што ми се допаѓа е ставот на бордот на националната асоцијација која инсистира нејзините водичи да работат преку македонските туроператори кои го покриваат осигурувањето, што е исклучително значајно како за туризмот, така и за клиентите кои сакаат да ја посетат Македонија“, кажа Бил Бејли –  Претседател на техничката комисија на УИМЛА.

Меѓународните експерти се воздржаа од коментар за несреќата на Кајмакчалан во која загинаа двајца млади планинари од Македонија, бидејќи истрагата за случајоит се уште трае. Од Македонската асоцијација на интернационални водачи во планина, најавија дека својот став ќе го соопштат откако ќе биде објавен целосниот извештај за настанот, и понудија експертска помош во расветлувањето на трагедијата.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ