Македонија и Германија ќе бркаат втор триумф за потврда на Главната фаза

Германија и Македонија со евентуален втор триумф може да го заверат пласманот во Главната фаза на Европското првенство во Хрватска по одигрување на второто коло во групата Ц чиј домаќин е Загреб.

ГРУПА Ц – ЗАГРЕБ – 2. КОЛО

СЛОВЕНИЈА – ГЕРМАНИЈА (18:15, Пренос ТВ Телма)

Словенците се во незгодна ситуација по непланираниот пораз од Македонија (24:25), додека брнителот на титулата Германија е на добар пат да се пласира во четвртфиналната фаза откако на стартот забележа триумф над Црна Гора (32:19).

Пред две години на ЕП во Полска, двата тима играа меѓусебе во последниот меч од прелиминарната фаза и еден требаше да си оди дома. Тогаш Германија славеше со 25:21 и на крајот ја освои титулата а Словенија неочекувано рано го напушти Вроцлав.

Од кога Веселин Вујовиќ ја превзеде репрезентацијата на Словенија, ги загуби сите пет дуели против Германија. На ЕП во Полска, на Олимписките игри во Рио, на еден тест натпревар и во квалификациите за ЕП 2018, кога Германците забележаа две убедливи победи (32 : 23, 25:20) на официјалното деби на новиот тренер Кристијан Прокоп.

“Ќе дојде време кога ќе ја совладаме Германија”, рече тогаш Вујовиќ по втората квалификациска средба.

На Светскиот шампионат во Франција ланската година, избраниците на Вујовиќ имаа успешен настап освојувајќи го бронзениот медал, додека Германија беше елиминирана веднаш на стартот од нокаут фазата од Катар. Ако Германија го минеше осминафиналето ќе играше против Словенија во четвртфиналето.

Централниот бек Миха Зарабец, кој беше прогласен за играч на натпреварот против Македонија, ќе се соочи со тројца соиграчи од Кил, Енди Волф, Патрик Вајнчек и Стефан Веинхолд. Марко Безјак исто така игра во Бундес лигата за Магдебург.

ЦРНА ГОРА – МАКЕДОНИЈА  (20:30, Пренос ТВ Телма)

Македонија и Црна Гора се пред многу важен натпревар. Победа за „црвено жолтите“ ќе значи пласман во Главната фаза и потврда на претстојот во Хрватска. Со пораз ќе треба да го очекува исходот од последното коло и дуелот со актуелниот првак Германија.

„Мечот со Црна Гора за нас е финале“, порача од Загреб, македонскиот стратег Раул Гонзлаес.

Црна Гора загуби од Германија (19:32) и со нов неуспех ќе нема шанси за четвртфиналната фаза. Исто така избраниците на селекторот Драган Ѓукиќ ќе се обидат да стигнат до прв триумф по 13 порази на ЕП. Оваа негативна серија без победа е од 2008 година.  „Го заборавивме мечот на отворањето и одиме напред“, изјави левиот бек Милош Божовиќ по поразот од Германија.

На спроитвната страна Македонија ќе има голема подршка од големиот број фанови во загрепската арена слично како што тоа беше на првиот дуел со Словенија (25:24).

„Го издржавме притисокот против Словенија и така треба да продолжиме натаму“, изјави Дејан Манасков, кој со осум голови беше најефикасен во нашиот национален тим во триумфот над Словенија.

Црна Гора и Македонија меѓусебе досега немаат одиграно ниту еден официјален натпревар на големите натпреварувања.

ТАБЕЛА:

1.ГЕРМАНИЈА          2 бода

2.МАКЕДОНИЈА       2

3.СЛОВЕНИЈА          0

4.ЦРНА ГОРА            0

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ