Македонија и Албанија главна тема на министерскиот совет во вторник

Македонија и Aлбанија ќе бидат главна тема на разговорите на министерскиот Совет, кој треба да се одржи во вторник, во Луксембург. Министрите за надворешни и европски работи на земјите членки на Унијата, треба да одлучат дали, и кога овие земји ќе ги почнат преговорите за членство, како што препорача Европската Комисија во последниот извештај.

За сега, нема договор меѓу земјите членки за заклучоците на овој состанок, а како што јавува МИА, на амбасадорско ниво во Брисел, интензивно се водат консултации и се расчистува патот до компромис. Дипломатски извори на МИА во Брисел, велат дека голем број земји членки, сметаат дека е потребна позитивна одлука за двете земји веќе во јуни, додека други претпочитаат одлуката да се одложи за на есен. Некои земји, пак, предлагаат да се одобрат преговори за Македонија, а одлуката за Албанија би се одложила, во исчекување на поголем напредок во политичкиот дијалог со опозицијата, и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Можно е, министрите во вторник, да усвојат и заклучок, Албанија и Македонија да не се раздвојуваат, а се дава заложба за конечна позитивна одлука во септември. Одлуката што ќе ја донесат министрите во вторник потоа ќе треба да ја потврдат шефовите на држави и влади на унијата, на Европскиот совет, закажан за 20 и 21 јуни во Брисел.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ