Македонија ги слави двата историски Илиндена

Македонија денеска го празнува Денот на Републиката 2 Август и двата историски Илиндена – 115 години од почетокот на Илинденското востание и 74 години од Првото заседание на АСНОМ.

Како и минатата година, чествувањето е инспирирано од  Крушевскиот манифест и логото е „Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо – прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот“.

По завршувањето на чествувањето во Пелинце, премиерот Зоран Заев попладне ќе ја одбележи 115-годишнината од Илинденското востание и во Благоевград, Бугарија, заедно со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Двајцата премиери,  ќе положат венци и цвеќе на споменикот на Гоце Делчев на плоштадот „Македонија“ во Благоевград.  Тоа ќе биде втора заедничка прослава по потпишувањето на Договорот за пријателство, соработка и соседство помеѓу Република Бугарија и Република Македонија пред една година.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател… Слободната Република траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ (Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија), на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил  Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.

Заседанието усвоило неколку документи со државотворно значење, меѓу кои и Решението за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава и Декларацијата за основните права на човекот и граѓанинот на демократска Македонија.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ