
Македонија е поважна од меѓународните организации-порака од денешниот протест во Скопје
Македонија е поважна од која било меѓународна организација. Ова беше главната парола од денешниот собир во центарот на Скопје, на кој беше побарано преговорите со Грција да се прекинат веднаш, а името да се заштити со резолуција во Обединетите нации.
На протестот беше порачано и да не се дозволи злоупотреба на кроткоста на народот.
Организаторите од движењето „Нашето име е наше право“, однапред се оградија од секакви провокации и палење на знамиња на протестот. На бината се читаа стихови од Гане Тодоровски и Блаже Конески, а беше прочитано и писмото на 200 –те македонски интелектуалци, испратено до владата и опозицијата. Се читаше и декларацијата од Обединетата македонска дијаспора, во која се бара и повлекување на Законот за јазиците, организирање на попис под меѓународен мониторинг и неменување на статусот на МПЦ. Декларацијата завршува со барање за самораспуштање на Собранието и вонредни парламентарни избори, доколку не се прекинат преговорите за името.
На видео бим се прикажуваа и денешните собири на македонските иселеници низ 14 градови во светот. Собирот заврши со звуците на „Тешкото“.
Далиборка Демјанска