
Македонија дел во глобалната акција на чистење
Граѓани, активисти и политичари се вклучија во глобалната акција на светскиот ден на чистењето. Симболично, Македонија треба да прерасне во земја без отпад, а денешната акција треба да ја зголеми свеста за одговорноста на секој поединец кон животната средина.
Рано утрово заменик министерот за животна средина Макрадули, административците од општина Кисела Вода и волонтерите од Гоу Грин тргнаа во акција за расчистување на трим патеката и под мостот на булеварот Србија. Слични акции се спроведуваа и низ повеќе општини низ Македонија.
Светскиот ден на чистењето се одвива во над 150 земји, а според временските зони стартува на Фиџи и продолжува во Европа. Идејата потекнува од Естонија кога во 2008 година 4% од населението на оваа балтичка земја излезе да го собере отпадот.
Ги запрашавме и граѓаните на Скопје што треба да се преземе за да се зголеми свеста за фрлањето на отпадот и како да добиеме почист град.
Организираните акции на чистење треба да доведат до систематски решенија како и да ги потсетат надлежните служби и институции за нивните преземени обврски. Целта е да се намалат последиците од дивите депонии со надеж дека ефектите ќе бидат долгорочни.
Христијан Станоевиќ