
Луѓето кои зборуваат македонски во северна Грција се реалност
Грција не признава постоење на малцинства на нејзина територија освен муслиманско, но до пописот во 50-те години на минатиот век таму се регистрира население кое зборува различен јазик од грчкиот, наречен славо-македонски. Дел од научници во Грција сметаат дека постојат елементи кои потврдуваат дека има грчки граѓани кои имаа различен културен, етнички или јазичен идентитет, поврзан со македонскиот.
„Но многу е комплицирано. Прво потребно е подлабоко истражување, бидејќи знаеме дека тој полека се губи бидејќи со генерации луѓето повеќе зборуваат грчки од славо-македонски. Интересно е да се знае до кој степен луѓето го разбираат, го зборуваат или комуницираат на овој јазик. Второ е знаечењето на јазикот како идентитетско прашање за нив“, вели Констатинос Цицеликис, политиколог од Универзитет Македонија, Грција.
За тоа колку луѓе зборуваат на јазик различен од грчкиот во северниот дел од земјата нема бројка. Сепак според истражувачите, сите кои живеат во тој дел од Грција знаат за луѓето кои зборуваат македонски или во некои случаи бугарски, но официјално се негира нивното постоење.
„Се надевам дека нешто може да се смени. Првиот знак е дека ние најмалку што можеме е да дискутираме отворено. Забележав дека во месеците по Преспанскиот договор имаше многу отворена дискусија за традицијата, јазикот историјата на овие луѓе“, вели Александра Јоаниду, славист и балканист, Национален и каподистриски универзитет Атина, Грција.
Неприфаќањето на различностите од страна на грчката држава научниците го објаснуваат со стравот кој потекнува главно од случаите на силен националистички дискурс на групи луѓе од Северна Македонија, но и од историските настани, пред се случувањата во Граѓанската војна во Грција.
„Според мене сега не постои таква основа. Можеби порано имало, но сега нема основа бидејќи нема иредентистички бран кој би го создала тој страв од менување на граници и слично“, вели Констатинос Цицеликис, политиколог од Универзитет Македонија, Грција.
Јоаниду пак сема дека чуство на национална загрозеност секогаш кога ќе се појави нешто што не се вклопува во генералната идеја за единствена култура, јазик, религија, што не постои никаде и во ниедна балканска земја може да се надмине, пред се преку образованието.
„Постои голема можност која морама де ја искористите, а тоа е образование, образовани, многу образование, учење за културите едни меѓу други, градење на пријателство и не за национализмот во училиштата и универзитетите“, вели Александра Јоаниду, славист и балканист, Национален и каподистриски универзитет Атина, Грција.
Преспанскиот договор, сметаат научниците, е добар почеток, но потребно е време двете страни да се запознаат меѓуесебно, а кога тоа ќе се случи ќе разберат дека нема место за страв.
Тамара Грнчароска