
Инвертер клими во битолските училишта за да се намали загадувањето
Државните и локалните установи во Битола се и најголеми загадувачи, затоа што затоплувањето е на фосилни горива. ОУ „Кирил и Методиј“ е едно од најстарите во градот, а повеќе од еден век се затоплуваше со огревно дрво и годишно трошеше 130 метри кубни, што создава исто толку килограми ПМ 10 честички во воздухот. Сега доби нов систем за греење и ладење со инвертери, инвестиција од 5 милиони денари.
- Досега имавме греење на дрва и бевме посочувани како голем загадувач во централното градско подрачје. Со ова греење ќе има почиста работна средина за учениците и наставниците, но и за градот затоа што сме свесни дека имаме големо загадување, рече Душко Костовски, директор на ОУ „Кирил и Методиј“-Битола.
Од локалната самоуправа велат дека и оваа година веќе се планира и други општински објекти да добијат еколошки систем на греење.
- Во моментот се дискутира дали ќе биде училиште или детска градинка, стеснет е кругот. И таа селекција ја правиме во согласност со гасификацијата, значи ќе одиме во објект кој ќе биди подоцна вклучен на гасоводот поради својата географска поставеност, вели градоначалничката Наташа Петровска.
Покрај државните и локалани институции, над 80 проценти од домаќинставта во Битола се затплуваат на огревно дрво, затоа што нема градско централно греење. Ова, заедно со РЕК Битола, е причина градот да е меѓу најзагадените во државата, а надлежните велат дека решението е во гасификацијата. Примариот гасовод е веќе пред Битола, а секундарната гасоводна мрежа се уште не почнала да се гради.
Емилија Мисирлиевска