Локализиран е пожарот кој избувна во фабриката за оружје и муниција во близина на Самоков

Локализиран е пожарот кој избувна вчера попладне во фабриката за оружје и муниција Сумбро Трејд, поранешен Сувенир во Самоков, но се уште има чад, а опасноста од експлозии не е надмината, иако веќе не се слушаат од синоќа на полноќ. Нема повредени, ниту жртви. Пожарот избувал вчера околу 16 часот, по експлозиите во магацинот за оружје, а веднаш интервенирале пожарникарите од Македонски Брод, кои спречија огнот да се прошири на останатите објекти во фабиката и во околната шума. Од безбедносни причини на екипата на Телма синоќа не и беше дозволено да снима во Сувенир. Настанот ги вознемири жителите на Самоков, место оддалечено 5 километри од фабриката.

„Некој погон се запали, чудно ни беше затоа што само чуварите се таму. Дошла полиција од Македонски Брод, пожарните се таму“, рече една жителка на Самоков

„Слушнавме дека има некоја експлозја, друго нишо не знам“, рече жител на Самоков.

Ваква експлозија во фабриката во Самоков имало и во 2013 година, кога имало само материјална штета, но жителите раскажуваат дека при експлозија со пожар пред повеќе од дваесет години загинале неколку работници.

„Тоа беше пред дваесетина години кога исто така се запали некој погон.  Во 1996 се случи, имаше и повредени, но и загинаа луѓе“, се потсетија жителите.

Од полицијата информираат дека се работи на расчистување на случајот, по што треба да се утврдат причините за оваа експлозија во фабриката за оружје и муниција во Самоков. Во 2010 година чешка фирма го презеде Сувенир  и го реактивираше производството, под името Сумбро Трејд.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ