
Локалитетот Кале сведочи за постанокот на глаголицата
Археолошкиот локалитет Кале, кај селото Крупиште во близина на Брегалница и по 35 години од неговото откривање се уште ја чува тајната меѓу овие ѕидини, дали токму ова е една од локациите каде се напишани, азбуки, веди, првите словенски букви.
Археолошките претпоставки за овој локалитет и Панонските легенди за браќата Кирил и Методиј, говорат дека глаголицата била напишана во градот каде за епископ бил назначен Методиј. Во славистичките кругови сега преовладува така наречената, Македонска теорија, според која Глаголицата е напишана по течението на реките Брегалница и Струма.
Археолозите своите претпоставки дека токму овде е создадена глаголицата ги темелат на тоа што во близина на селото Крупиште има четири цркви и една петокорабна катедарала од 4 до 10 век, или овде според овие објекти се наоѓал голем епископски центар. Засега државата нема преземено големи археолошки истражувања на локалитетот, кој заради приказната за глаголицата и браќата Кирил и Методиј може да привлече бројни туристи.
Академик Блага Алексова во 1984 година го откри локалитетот Кале кај Крупиште, а според наодите на теренот тврдеше дека токму на ова место бил обновен градот Равен.
Викторија Јованова