Лице од обезбедувањето на Пендаровски позитивно на Ковид-19

Вработен во МВР кој е дел од поширокиот тим за обезбедување на претседателот Стево Пендаровски е позитивен на Ковид-19. Од кабинетот на шефот на државата информираат дека лицето немало директна комуникација со претседателот.

„Членот на обезбедувањето на претседателот е дел од поширокиот тим на обезбедување, што значи дека немал директна комуникација со претседателот. Минатата седмица користел годишен одмор, а последен пат бил на работното место во понеделник, 11 мај 2020 година“, се наведува во соопштението од Кабинетот на претсдеателот на државата.

Тестирањето врз вработениот од обезбедувањето на Пендаровски била направено вчера, откако, како што неофицијално дознава Телма, имало информација дека лицето имало контакт со заболен од коронавирус.

По спроведената епидемиолошка анкета, надлежните здравствени власти утврдиле дека е потребно дополнително да се тестираат  11 лица кои биле во контакт со лицето. Меѓу нив не е претседателот и членовите на неговото семејство, кои се оценети како контакти од втора линија, за кои според епидемиолошкиот протокол не се препорачува изолација. Другите 11 лица кои се тестирани се покажало дека се негативни на Ковид-19, но и покрај тоа тестираните ќе бидат во самоизолација до истекот на периодот на инкубација од 14 дена, поточно до 25 мај.

Од кабинетот на шефот на државата информираат дека Пендаровски продолжува со извршување на редовните работни обврски, а неговиот Кабинет продолжува непречено да функционира, согласно препораките за заштита од Ковид-19.

Инаку на агендата на претседателот денеска е закажаната втората лидерска средба за утврдување датум за предвремени избори одложени од 12 април.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ