
Лицата со попреченост секојдневно се соочуваат со стигматизација
Различни бариери кои во светот се инцидент кај нас за жал се брутално секојдневие со кое се соочуваат лицата со попреченост, вели Христина Божиновска Ѓикова, лице со оштетен слух.
Стигматизација и недостиг на толкувачи се најчестите проблеми со кои се соочуваат.
Со учењето на знаковниот јазик во одредени институции веќе ќе биде надмината првата бариера. Тоа е нашиот мајчин јазик и имаме право да го изучуваме, смета таа.
“Глувите лица секојдневно се соочуваат со бариери еве на пример еден пристап во било која државна институција, дали е образовна, здравствена или правна најголема блокада е начинот на комуникација со тие луѓе. Правото на толкувач, кога би го имале нели, би била олеснета нашата комуникација со сите тие државни институции, а и не мора да се државни институции” –вели Божиновска – Ѓикова.
Дури и нашето интервју со Христина Божиновска Ѓикова немаше да биде исто без нејзиниот толкувач Викторија Волак која веќе дваесет и пет години е целосно посветена на оваа професија.
Во моментов во земјава има триесетина толкувачи на знаковен јазик и доколку се земе предвид дека бројката на лица со оштетен слух е околу 6000 лица речиси е невозможно толкувачите да бидат секаде каде се потребни.
“Малата бројка се должи на системот на обучување на толкувачи беше во изградба до сега и потребен е долг временски процес, образовен процес за да се оспособи некое лице да ја обавува оваа должност од еден во друг јазичен систем. Финансирањето на толкувачките услуги сеуште е во една замаглена форма во нашава држава не е доволно прецизно регулирана кој и како треба да ги сноси трошоците” – посочува Викторија Волак.
Лицата со попреченост со првите бариери се соочуваат уште во најрана возраст.
“Во текот на животот на сите нивоа сеуште немаме добро развиена свест. Не ги прифаќаат најдобро ниту во предучилишна ниту во другите установи, ниту во редовниот образовен систем иако имаме Закон за основно образование кој што вели дека сите деца треба да бидат во редовно образование” – вели Наташа Станојковска – Трајковска од институтот за специјална едукација и рехабилитација.
Сепак постојат и општествени промени кои придонесуваат лицата со попреченост барем за миг да не се чувствуваат отфрлено.
“На пример пред да постојат социјалните мрежи глувите лица не беа видливи во општеството. Имаше луѓе кои воопшто и не сретнале глуво лице. Сега со развојот на социјалните мрежи има бенефиции каде глувите лица самите споделуваат информации и стануваат повидливи за општеството и за подигање на свеста на овие категории на лица” – рече Христина Божиновска Ѓикова.
Лицата со попреченост и нивните семејства сè уште се соочуваат со сериозно прекршување на нивните човекови права и основни слободи, секојдневно се соочуваат со стигматизација и непристапност до соодветни услуги, воспитание и образование, можности за вработување поради системски недоследности,се дел од темите кои беа загатнати на тридневната меѓународна студентска конференција “Разменуваме знаење – создаваме можности”.
Нина Стефанова