
Лицата со попреченост побараа државата да ги почитува нивните права и потреби
И покрај тоа што државата ја има потпишано конвенцијата за лица со попреченост од Обединетите Нации, тие денеска собираа потписи, да ја потсетат дека пристапноста им е загарантирано право со неа, и не треба да бидат дискриминирани.
Непристапни тротоари, улици, државни институции е секојдневие на овие луѓе. Каде ќе учат им зависи од тоа дали имаат рампа пред училиштето.
Изборот на лекар го прават според тоа дали им е близу до домот и кој ќе може да ги однесе, затоа што дури и за рутински преглед не можат да отидат сами.
Здруженијата за лица со попречност веќе некое време преговараат со Фондот за здравство да се зголеми листата на ортопедски помагала, но се уште не се знае кога ќе ги добијат.
На денешната осма масовна средба на лицата со телесен инвалидитет, тие уште еднаш потсетија дека нивните права и потреби треба да се почитуваат и не треба да се невидливи во општеството.
Теодора Цветковска