Лицата со инвалидитет заборавени од властите

Вака изгледа тешкото секојдневие на 55 годишната самохрана мајка Маргарита Милошевска. Живее во Гостивар на третиот кат од оваа зграда, која е без лифт.

Принудена е нејзината ќерка која боледува од церебрална парализа да ја симнува и качува пеш по скалите, за да ја однесе и врати од дневниот центар.

Така е 15 години. Но, здравјето вели повеќе не ме служи. Таа поседува социјален стан. Од надлежните побарала да и го заменат за стан во станбен објект кој има лифт, или пак да и изградат надворешен лифт во зградата каде живее. Но, досега не добила позитивен одговор.

Маргарита Милошевска е координатор на ресурсниот центар за сервис на родители, кои имаат деца со посебни потреби. Вели дека со нејзиниот проблем се соочуваат голем број мајки.

Некои од нив се одлучиле  децата да не ги симнуваат од нивните станови, пракса која влијае негативно на нивната социјализација.

Дел од лицата со телесен инвалидитет кои живеат на пониските катови пронашле решение.

Ненад Ѓероски од Тетово со помош на систем кој работи на хидраулика излегува од својот дом, но низ град постојано наидува на препреки. Без помош од другите не може да пристигне до ниту едно место.

Милошевска, вели дека државата мора што поургентно да ги решава проблемите на лицата со инвалидитет, а најпрвин да започне со менување на законите.

Додека надлежните остануваат глуви на барањата, лицата со телесен инвалидитет, се снаоѓаат како знаат и умеат, водејќи битки со секојдневните тешкотии и препреки.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ