
Лицата со инвалидитет немаат услови за движење низ Тетово
Тетовецот Авни Хисмани не може како останатите да заврши административна работа во институциите. Најпотребна му е општината, но со неговата инвалидска количка не успеа да влезе зградата на локалната самоуправа. Таму наиде на безброј препреки. Пред објектот тротоарот го нема ниту потребниот минимум на благ наклон, потребен за приод на лицата со попреченост. Првата бариера вели ја совладувам со помош на други лица, но во самиот објект не можам да влезам, затоа што нема изградено соодветна рампа, посотојната вели на шега повеќе личи на скокалница.
Од Здружените на лица со церебрална парализа, велат дека постојано комуницираат со властите, со цел да се намалат препреките на лицата со телесен инвалидитет. Според состојбата на терен нашата борба не дава големи резултати но сепас не се откажуваме, мора да ја подигнеме свеста и кај општината но и кај населението за потребата од создавањето на нормални услови за живот на лицата со посебни потреби кои ги има во голем број во Тетово но и воопшто во државата.
Речиси сите институции немаат изградено рампи за приод на лицата со посебни потреби. Оневозможен е и влезот до Центарот за социјални работи Тетово. Поради ваквата состојба оваа категорија на граѓани се дискриминарани, вели Авни. Тој морал да бара работа таму каде што ќе може без препреки да влегува и излегува. Имал среќа и се вработил во новата зграда каде е сместена управата за водење на матични книги која ги исполнува сите стандарди. Но што со останатите лица со посебни потреби, прашува тој.
Проблемите на лицата со посебни потреби започнуваат уште од местото каде што живеат. Класичен пример е тешкото секојдневие на 55 годишната самохрана мајка Маргарита Милошевска. Живее во Гостивар на третиот кат од оваа зграда, која е без лифт.
Мора нејзината ќерка која боледува од церебрална парализа да ја симнува и качува пеш по скалите, за да ја однесе и врати од дневниот центар.
Така е 15 години. Но, здравјето вели повеќе не ме служи. Таа поседува социјален стан. Од надлежните побарала да и го заменат за стан во станбен објект кој има лифт, или пак да и изградат надворешен лифт во зградата каде живее. Но, досега не добила позитивен одговор.
Маргарита Милошевска е координатор на ресурсниот центар за сервис на родители, кои имаат деца со посебни потреби. Вели дека со нејзиниот проблем се соочуваат голем број мајки.
Некои од нив се одлучиле децата да не ги симнуваат од нивните станови, пракса која влијае негативно на нивната социјализација.
Дел од лицата со телесен инвалидитет кои живеат на пониските катови пронашле решение.
Ненад Ѓероски од Тетово со помош на систем кој работи на хидраулика излегува од својот дом, но низ град постојано наидува на препреки. Без помош од другите не може да пристигне до ниту едно место.
Собранието уште во 2012 година ја има усвоено конвенцијата за лицата со посебни потреби која налага во сите институциите да има соодветен пристап за сите категории граѓани, односно да имаат изградено рампи.
Зоран Димовски