Линданот од ОХИС ќе се чисти 5 години

Чистењето на канцерогениот линдан од почвата во кругот на некогашната фабрика Охис ќе трае 3 до 5 години. Ќе се третираат двете депонии во исто време и допрва ќе се бира која метода ќе се користи за таа намена. Средствата потребни за деконтаминација ќе се собираат преку денеска формираниот фонд во соработка во Кралството Норвешка, Владата и канцеларијата за услуги на проекти на ОН-УНОПС.

„Има три типа на решавање на проблемот – биолошка ремедијација, термална ресорпција или ископување на материјалот и носење во странство. Имаме направено пресметки за секоја од нив. Зависно од тоа колку средства ќе се соберат преку Фондот, таа метода ќе се избере“, кажа Драги Рашковски ген.сек. на Владата.

Иако во јавноста се говореше дека прво ќе се чисти земјата со линдан од малата депонија за што преку Глобалниот еколошки фонд се собрани 9 мил долари, Владата денеска не ја потврди оваа информација. Нејзините пресметки говорат дека за чистење на почвата ќе бидат потребни меѓу 40 и 260 мил. евра.

„Не знам од каде ви е таа информација, за друг отпад станува збор“, одговорија збунето Заев и Рашковски.

Се проценува дека во кругот на фабриката се затрупани околу 40 000 тони од опасниот пестицид кој со децении ја труе животната средина и предизвикува здравствени проблеми на луѓето. Тој како нус производ се депонирал во 70-тите години од минатиот век, но досега не се најде решение за овој токсичен отпад.

„Час поскоро мора да го дислоцираме отпадот без последици по околината и граѓаните.Здрава и чиста околина е предуслов за квалитетен живот , определени сме на граѓаните да им создадеме средина без да се грижат каков воздух дишат или што се крие под земјата што ја газат“, кажа Зоран Заев – премиер на РМ.

„Безбедноста на граѓаните е на прво место, но со овој проект ние наоѓаме начин да и помогнеме на Македонија во нејзините аспирации за влез во ЕУ“, кажа Арне Санес  Бјорнстад – амбасадор на Кралството Норвешка.

Владата најави дека до крајот на годинава целосно ќе биде решен и проблемот со радиоактивниот отпад, складиран во Ѓорче Петров. Дел од 16-те тони гориво за градобијни ракети според Рашковски веќе е дислоциран, а останатите количини ќе се дадат на продажба.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ