
Линданот наесен ќе почне да се чисти од ОХИС
Малата депонија во која има околу 10 илјади тони контаминирана почва со токсичниот и канцероген линдан ќе почне да се чисти есеноска, најавуваат надлежните. Во тек е подготовка на тендерската документација и условите кои ќе бидат објавени наредниот месец, а фирмата која ќе го врши чистењето и дислокацијата на контамирината земја со канцерогениот отпад ќе биде избрана најдоцна до јуни.
Проценките се дека дека поголем дел од почвата ќе мора да се транспортира во странство за да се согори бидејќи не постои можност да се деконтаминира. Истата фирма ќе биде ангажирана и за чистење на големата депонија со околу 40 илјади тони контаминирана почва, а според најавите таа ќе треба да ја покрие и изолира со што би се спречило натамошно загадување на воздухот, почвата и подземните води и опасноста по здравјето на граѓаните.
Од невладиното „македонско еколошко друштво“ велат дека преку обуки и работилници ќе ги едуцираат граѓаните од Аеродром, Кисела Вода и Гази Баба кои се најзасегнати од загадување со линдан.
Зачудува фактот што излетничкото место Пеленица, во близина на Скопје, каде што исто така е складиран токсичниот линдан не е оградено иако уште во декември тоа беше најавено. Надлежните чекале тендер преку кој ќе ја изберат фирмата која би ја оградила дивата депонија опасна по здравјето на луѓето
Проценките се дека во кругот на фабриката ОХИС во 70-тите години од минатиот век се затрупани околу 40 илјади тони од овој опасен пестицид.
Огнен Чанчаревиќ