
Лидерска во мај, избори во јуни или во јули
Избори на 28-ми јуни или на 5-ти јули. Ова се термините на кои типуваат партиски кругови, сметајќи дека потребата од вонредна состојба ќе се исцрпи кон средината на мај. Официјално, за сите партии и сите институции приоритетно прашање е здравјето на граѓаните и борбата со вирусот.
Претседателот Стево Пендаровски го прифати предизвикот од ВМРО ДПМНЕ: во првата половина на мај планира да организира лидерска средба на која ќе се разговара за справувањето со короната, вонредната состојба но и за можните термини за парламентарни избори. Од неговиот кабинет потенцираат дека во овој период сите напори и државни ресурси треба да бидат насочени кон справување со пандемијата. Пред истекот на вонредната состојба ќе биде свикан и Советот за безбедност, од кој беше побарано мислење и пред прогласувањето на вонредната состојба.
Лидерската средба ја побара ВМРО ДПМНЕ. Потсетуваат дека првите 30 дена вонредна состојба беа договорени токму во овој формат, па и сега очекуваат сите политички фактори заедно да го побараат излезотт од кризната состојба.
СДСМ смета дека политичките прашања треба да се отворат дури откако ќе се совлада оваа здравствена и економска криза.
Сите позначајни одлуки треба да се донесат консензуално, велат од ДУИ. Како што беа договорени распуштањето на Собранието, предвремените избори, одложувањето на изборите и техничката Влада, така сега треба да се договорат наредните чекори. Важна е консензуалноста и почитувањето на договорено, потенцира ДУИ.
Последната лидерска средба беше одржана во средината на март. Партиите беа едногласни дека во услови на пандемија од корона, не треба да има избори. Наредниот ден, претседателот Пендаровски прогласи вонредна состојба на целата територија, за прв пат во историјата на државата.
Соња Николовска