Лидерска средба за преговорите околу името по самитот во Софија

Лидерска средба најверојатно нема да има пред да се состанат Заев и Ципрас на маргините на самитот во Софија што почнува за два дена. Што има на маса за решавање на спорот со името, бараат да бидат информирани и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и претседателот Ѓорѓе Иванов. Премиерот Заев е расположен да го информира Мицковски, но за лидерска средба потребно е сите да бидат во земјата. Во моментот само шефот на дипломатијата Димитров е во посета на Холандија. Од кабинетот на Иванов демантираа дека тој не е во земјата затоа што вчера се вратил од посетата на Турција, но досега не бил информиран воопшто за текот на преговорите иако доставувал и писмени барања. Заев не ја исклучува можноста со останатите лидери да се состанат откако ќе се врати од Софија.

„Јас им стојам на располагање, да ги информирам пред да одиме на средбата во Софија, а, секако, подготвен сум и по Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија да ја свикам лидерската средба, кога на неа би биле сите присутни. Но повикот е на шефот на опозицијата, а јас стојам на располагање во координација со него, така и да ја организираме средбата“, рече премиерот Зоран Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на барањето дека мора да се одржи лидерска средба за вакво важно и сериозно прашање и го повикуваат Заев да не манипулира и да не води политички игри. “Република Македонија не е негова приватна сопственост за да лицитира со решенија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.  Сепак лидерите на сите партии ќе се сретнат уште во петок вечер во Охрид на крајот на процесот Моне.

И во Атина не се најавени средби на премиерот Ципрас со партиските лидери. Неофицијално далеку од очите на јавноста се работи на текст на можен договор, во кој би се предвиделе сите идни чекори и временска рамка за негово спроведување.

Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Јоргос Катругалос изјави дека е воздржан оптимист пред средбата во Софија, но дека работите се стигнати до нивното јадро и затоа сега се преминува на разговори на повисоко ниво.

„Може да имаме договор кој нема да наликува на Времената спогодба. Тој ќе биде комплетен и нема да остава „опашки“, затоа што во спротивно нема да биде согласно со поставенте грчки предуслови“, изјави Катругалос.

Иако медијаторот Метју Нимиц средбата во Софија ја најави како значајна и се подгреваат надежите дека е можно да биде и средба за конечно решение на спорот со името, Заев сега се обидува да ги намали очекувањата.

„Целта е да направиме еден рекапитулар на тоа што досега е разговарано, да го потврдиме и да знаеме дека сме го завршиле, а истовремено да дадеме и смерници и на министрите. Времето е кратко и се појавуваат информации дека се ќе се реши на 17 мај, но не е така, бидејќи суштински е делот што е останат за разговори“, вели Заев.

Премиерот Заев остава простор да се постигне некаков напредок и по самитот во Софија со краен датум на состанокот на Европскиот совет на крај на јуни, а во меѓувреме и во Грција и во Македонија да се спроведе внатрешен процес на консултации и да се подготви јавноста.

Сања Васиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ