
Лидерска средба за изборите
Тројцата универзитетски професори ,Гордана Силјановска, Стево Пендаровски и Блерим Река влегуват во претседателската трка. На полноќ заврши собирањето потписи за кандидат за Претседател. ДИК утре и официјално ќе ги соопшти кандидатите кои го исполниле условот и ќе треба да ги поднесат кандидатурите најдоцна до 21 март.
Претседателските избори ќе бидат во фокусот и на вечерашната лидерска средба меѓу Премиерот Заев и Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски. Ќе успеат ли двајцата да си подадат рака на помирување или пак секој ќе остане на своите позиции? Заев ја повика опозицијата да се остават во минатото политиките на поделби и предизвикување конфликти кои луѓето ги поделиле на „наши“ и „ваши“. Мицкоски на средбата ќе побара гаранции за фер избори а ќе го реафирмира и прашањето за предвремни парламентарни избори кое власта претходно го отфрли.
На лидерската средба не се поканети партиите на Албанците. Заев смета дека во овој момент нема потреба од нивно присуство.
Камен на сопнување е и СЈО. Заев бара подршка од ВМРО ДПМНЕ за новиот закон за јавно обвинителство, додека Мицкоски вели дека проектот „Катица Јанева“ е завршена приказна затоа што СЈО не ги исполнило очекувањата на граѓаните и не станало заштитник на правото и правдата. Таа се претстави во едно лошо светло и не ја заслужува подршката ниту таа ниту тој тим, вели Мицкоски. На средбата со Премиерот тој ќе му предложи да се избира Јавен обвинител на предлог на опозицијата, а ќе го отвори и прашањето за политички прогон на поранешни функционери.
Јулијана Пешевска