
Лидерите тактизираат – уште една лидерска без епилог
Уште три ипол залудно потрошени часови на партиските лидери. Нема договор за датум за избори, сите останаа заглавени во лавиринтот од правни и политички прашања.
Лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по средбата си упатија остри пораки, но и двајцата тактизираа во изјавите. Заев порача дека нема бегање од избори, дека тие мора да бидат на 21 јуни, но одбегна да одговори директно, дали би одел на нив без ВМРО-ДПМНЕ.
За Заев, сега е вистински момент да се излезе на избори – и од здравствен, и од економски и од демократски аспект. Доколку не се одржат сега, бара одговори од Мицкоски, како планира државата да функционира понатаму, без Собрание и со техничка влада?
Мицкоски не даде одговор на овие прашања, но рече дека тие ги предлагаат 23 и 30 август, како и 13 септември како можни датуми, зашто тогаш, здравјето на граѓаните ќе биде најмалку доведено во опасност. Тој го критикуваше протоколот на Комисијата за заразни болести дека бил многу општ, без детали за начинот за одржување на изборите. Датумите на СДСМ, според него, не се можни и поради извештајот на ДИК, во кој стои дека избори може да се подготват најрано 35 дена по завршувањето на вонредната состојба. Но, и тој одби директно да одговори на новинарско прашање дали ќе ги бојкотираат изборите ако власта сепак се одлучи да организира избори.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека ситуацијата не треба да се политизира. Изборите се битни, но потребен е консензус од партиите.
БЕСА и ДПА го поддржуваат Заев, изборите да се одржат во јуни, Алијанса за Албанците, бараат избори на крајот на јули. Се очекува лидерите кон крајот на неделава повторно да се состанат и да дебатираат за истите прашања.
Далиборка Демјанска Цветановска