Лежечки полицаец го размрда полицискиот час во Ченто

Два часа откако министерот Наќе Чулев јавно објави дека на советникот од СДСМ Берат Весел му е поднесена кривична пријава за непочитување на полицискиот час, двајцата се сретнаа и разговараа во бараките во општина Газибаба. На тема лежечки полицајци.

Во Гази Баба се одржа состанок на општинскиот кризен штаб, збогатен со целиот врв на МВР, министерот и замениците-министри од три политички парти, а беа и директорот на БЈБ и скопските полициски началници. Сублимирано ја завршија со смирувачки пораки да не се повтрои кризата во Ченто.

А се почна со оваа фотографија. Советникот Весел во друштво на седум мажи поставувал во време на полициски час, лежечки полицаец. Откако е видена на фејсбук отишла полициска патрола, 5-мина избегале, тројца се приведени. И среде полициски час се организираа протести.

Во протестите кои прекинале по ослободувањето на тројцата прекршители на јавниот ред и мир Чулев гледа „политичката позадина, никако не го оправдува ова поведение, и говори за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните кои живееат во овој дел од градот“. Полицијата ги бара сите што ги има на снимките дека ја прекршиле забраната за движење и дел од нив веќе се идентификуван, но засега само тројцата приведени се осомничени. На снимката го има и градоначалникот на Газибаба, но тој нема да одговара- се сложија и министерот предложен од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалникот од СДСМ.

После бурата, на улицата Алија Авдовиќ во Ченто останаа лежечките полицајци иако нема сообраќаен знак за нив. Колите поминуваат тешко преку нив, но Ковид 19 нема да го сопрат. Сега разбудија и други идеи, граѓаните да излегуваат почесто во полициски час, бидејќи многумина од протестантите во Ченто не одговараа. Но министерот Чулев ги повика  граѓаните да се придржуваат до мерките на владата, да не ја оптеретуваат полицијата и ги пофали најголемиот дел од граѓаните кои ја подржуваат работата на полицијата.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ