Левица бара морална и политичка сатисфакција

Пред 9 месеци на плоштадот Македонија, а денеска во Уставниот суд, неколку членови на Левица се обидоа да докажат дека имаат право јавно да го искажат својот политички и партиски став и дека полицијата не смее да ги попречува.

Нивната порака „Против војната за профит“, не стигна до граѓаните, вели Зефиќ, бидејќи полицијата ги приведе со лисици на рацете, додека претставници на НАТО и на САД слободно промовираа оружје и воена опрема. МВР пред уставните судии потврди дека Внатрешната контрола констатирала незаконито постапување на полицајците.

„Констатиравме дека врз четири лица неосновано се употребени средства за присила и врзување со лисици. Поведени се дисциплински мерки, но не се извршени бидејќи постапката се уште е во тек“, вели Татјана Калајџиска од Внатрешна контрола во МВР.

И експертите за човекови права, Хелсиншкиот комитет и Народниот правобранител укажаа дека има повреда на правото за слободно изразување, а судиите главно се интересираа дали приведувањето било поради партиската припадност или поради антивоените пораки. Од Левица велат – поради двете.

По Јавната расправа на која не беше дозволено снимање на дискусиите, Уставниот суд дополнително ќе се изјасни дали лани на 29 јули имало повреда на слободата на мислата и дискриминација заради политичка припадност.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ