Лекарите во Нови Пазар со свртен грб ја пречекаа Брнабиќ по експлозијата на корона вирусот во градот

Лекарите во Нови Пазар со свртени грбови ја пречекаа српската премиерка Ана Брнабиќ и министерот за здравство Златибор Лончар кои по експлозијата на Ковид 19 го посетија најголемиот град во Санџак.

Нема точни податоци колку новозаболени и умрени од корона има во овој дел на Србија бидејќи реалноста е многу посурова од статистиката.

Градот бараше помош откако 60-тина здравствени работници беа заразени, а секој ден се регистрираат по неколку десетици случаи.

Во блискиот на Нови Пазар, град Тутин, утрово е соопштено дека цело семејство починало од Ковид 19. А за премиерката имаше и протестен дочек од граѓани во Нови Пазар каде е воведен полициски час.

Вонредна состојба е воведена и во Врање, кој се наоѓа на 50-тина километри од границата со Македонија. Табановце од пред 4 дена е отворен премин без никакви мерки за оние што доаѓаат во Македонија.

Веќе има патници кои од Врање биле во Македонија, но и македонски гости кои биле во овој град кој само вчера бележи 17 позитивни пациенти од вкупно 50 тестирани. Починал и 44-годишен спортски работник.

Статистиката во Србија по град не се објавува, но големите бројки предизвикаа нестабилна епидемиолошка состојба во Врање каде е воведена вонредна состојба иако кафеаните ќе вртат скара.

И во Косово бројките растат, а тој раст се погоди со отварањето на Блаце. 122 нови случаи од 231 тестирање се регистрирани, или повеќе од половина тестирани се заразени.

Најмногу заболени има во Приштина, 80-тина километри од Скопје иако главниот град на Македонија има трипати повеќе активни случаи.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ