
Лекарите и сестрите од јавното здравство со повисоки плати, матичните уште чекаат
Воочи референдумот, уште едно зголемување на плати, по наставниците, сега и здравствените работници за 5 отсто. Сите 19 илјади лекари и сестри од јавното здравство ќе добијат повисока септемвриска плата, од 1.500 денари за средномедицинскиот кадар, до над 4.500 денари за специјалистите. Се зголемува основицата за пресметување плата – од 12.654 на 13.286 денари.
Повисоките докторски плати државниот буџет ќе го чинат годишно 7,7 милиони евра.
Од синдикатот не штедеа на пофалби за Владата, исправени се велат, поранешните пропусти, но треба уште многу за да се врати достоинството на професијата.
„Сепак, има одредени реакции на вработените, медицинскиот кадар, тие се преоптоварени и недоволно е валоризиран нивниот труд, платата останува константно најзначајна тема на преговарачката маса“, вели Каранфиловски.
Едно од клучните предизборни ветувања на оваа власт беше платите на специјалистите да достигнат 100 илјади денари, сега имаат половина. Премиерот Заев е оптимист, негова желба е ветеното да се исполни уште од стартот на идната година.
„Се надеваме со Венко дека ќе го прекршиме Тевдовски, во тек се преговори, сите перформанси кои значат сериозни заштеди во буџетот, сакаме да ги реализираме, за да го мотивираме јавното здравство. Со зголемениот надоместок на ноќниот труд и дежурствата лекарите специјалисти достигнуваат од 50 до 52,3 илјади денари. Тоа се крупни пари, 22-23 милиони евра. Веројатно, и убеден сум дека тој таргет може да се постигне. Моја желба е од 1 јануари, и би бил среќен ако се постигне“, вели премиерот Зоран Заев.
Доколку сепак не се успее, на почетокот на 2019 ќе се оди на 80 илјади денари, а стоилјадарката би се постигнала на средината на годината.
Но не се сите лекари подеднакво среќни, приватните матични уште го чекаат зголемувањето на капитационот бод. Министерот Филипче вели, долго преговараме, за да ги решиме и системските проблеми.
„Можно е, некаде од следната година, да се излезе во пресрет и да се зголеми капитационот бод, некои промени веќе се направени и кај матичните гинеколози, но истовремено работиме и на начинот да ги имплементираме сите промени, да се олесни транспортот на пациентите од една до друга ординација, и приватните лекари да ги вклучиме во јавниот здравствен систем, особено во руралните средини“, вели Венко Филипче, министер за здравство.
За специјализантите тврди дека дел се веќе исплатени, а сите ќе ги добијат ветените пари.
Нина Нинеска-Фиданоска