
Ле Роа: Договорот за името не е совршен, но која е алтернативата?
Последниве недели, во РМ дојдоа десетици министри, амбасадори и други високи дипломати. Нивните пораки се поврзанисо референдумот и со евроатлантските интеграции на земјата. Зошто е толку важно референдумот да биде успешен?
„Сите пријатели на Македонија во Европа, вклучувајќи го и претседателот Макрон, се надеваат дека договорот ќе биде потврден со референдумот, а потоа во собранијата на Македонија и на Грција. Зошто? Затоа што сите посакуваме Македонија да се доближи до НАТО и до ЕУ. Ние во Франција имаме искуство со договорот меѓу генералот Де Гол и канцеларот Аденауер. И тој договор не беше совршен, туку полн со компромиси, а генералот Де Гол беше многу критикуван. Сепак, договорот беше усвоен, а денес секој признава дека е од суштинско значење за односите меѓу Франција и Германија но и за односите во Европа. И договорот меѓу Македонија и Грција не е совршен. Но во Европа и особено во Франција има уверување дека во блиска иднина не може да се постигне подобар договор. А сите што сакаат договорот да пропадне, ќе имаат историска одговорност, зашто е значаен не само за односите со Грција, туку и со НАТО и со ЕУ.“
Пред неколку месеци Франција беше најголемиот противник Македонија да добие датум за почнување преговори со ЕУ. Нели е тоа во контрадикторност со сегашните повици да се остане на европскот пат?
„Не, ќе бидат јасен, како и претседателот Макрон во говорот на Сорбона: Франција не се противи на влезот на Западен Балкан во ЕУ. Но, прво треба да се испочитуваат некои критериуми. Тоа значи дека претстојат реформи, а тие ќе бидат предмет на извештајот за напредокот во јуни наредната година. Европската перспектива на Македонија никогаш не е доведена во прашање.“
Има ли РМ помалку шанси од Република Северна македонија? Односно, што ќе се случи доколку референдумот не биде успешен?
„Работите се јасни. Поканата за пристапување во НАТО е овде. Единствениот услов е договорот да биде изгласан во двете собранија. Ако го нема договорот, поканата пропаѓа, а Грција нема да дозволи Македонија да почне пристапни разговори со ЕУ. Ако нема успех на референдумот или во македонското собрание, тоа приближување до НАТО и ЕУ е одложено до датум што не може да се одреди и може да биде многу далеку.“
Имавте средба со лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски. Што му порачавте вие нему, а што тој вам?
„Да, се видов со него и ми потврди дека тој нема да повикува на бојкот или на гласање против. Тој има личен став дека договорот е лош и тоа е негов избор. Но, остава граѓаните да гласаат според нивното убедување. А јас, како француски и европски претставник, потсетувам: овој договор е за доброто на Македонија.“
Важите за пријател на Македонија, бевте тука во нејзиниот најтежок момент во 2001-та, член сте на групата пријатели „Охрид“. Која е вашата најпријателска порака до македонските граѓани?
„Сега ќе зборувам во лично име. Очигледно е дека договорот не е совршен. Свесен сум за тоа, го прочитав и видов комплицирани работи. Но која е другата алтернатива? Да останете изолирани со години, додека другите соседи се доближуваат или веќе се во ЕУ? Ова е историски момент. Има демократска дебата, се гледа политичката зрелост. Ние, пријателите на Македонија можеме само да изразиме надеж и желба сите македонци да излезат да гласаат и ако е можно, во полза на овој договор. Со тоа ќе им овозможат на сите европејци, особено на оние што ја сакаат Македонија, да и помогнат!“
Соња Николовска