
ЛДП: Тешко до една изборна единица и отворени листи на следните парламентарни избори
Изборниот модел нема да се смени, а тешко дека ќе има и отворени листи на евентуалните предвремени избори кои стануваат се поизвесни. Претседателот на ЛДП вели дека, најмногу што може да се очекува се отворени листи за избор на советници на следните локални избори. Поголемите партии не се подготвени една изборна единица, што ги минимизира шансите на помалите партии, самостојно да влезат во Парламентот. Новите, пак, чие формирање се најавува деновиве, според него, немаат речиси никакви шанси доколку не се промени изборниот модел.
Деновиве познатиот адвокат Александар Тортевски најави нова левичарска партија, а на промоцијата беа забележани и личности од јавниот живот како универзитетската професорка Мирјана Најчевска и актерката Ирена Ристиќ. Се најавува и нова партија, во која би членувале Митко Јанчев, Никола Тодоров и Петар Богојески. За ВМРО-ДПМНЕ, евентуалното формирање на нова партија од десницата има само една цел.
Со сегашниот изборен модел, во Парламентот не успеваат да влезат ниту партии со 30.000 гласа, ако не им се сконцентрирани во една изборна единица. Но, клучните партии, иако декларативно даваат поддршка, немаат консензус за една изборна единица.
СДСМ тоа го ветуваше пред изборите, но сега бараат за тоа да се договорат сите партии. ВМРО-ДПМНЕ бара мнозински модел со 120 изборни единици, што форсира избор помеѓу двајца пратеници за една единица, во која добива тој што има макар и еден глас повеќе, а губитникот ги губи гласовите неповратно.
Во ДУИ остануваат на ставот за постоечкиот модел, но велат дека може да се разгледува опцијата за отворени листи. Алијанса за Албанците бара изборен модел со 8 изборни единици, а Движењето Беса -3, но и отворени листи.
Далиборка Демјанска Цветановска