
Лажните вести во време на корона – „воено профитерство“ или редовна агенда?
Борбата против вирусот е заедничка, но борбата против лажните вести е дополнителен тест за државата. Експертите гледаат политичка мотивација во поткопувањето на работата на институциите преку ширење на невистинити информации.
Лекарите секојдневно тестираат и лекуваат позитивни на корона вирусот. Граѓаните се во ангажиран лов на сѐ што е останато од дезинфекциски средства, маски и ракавици. Полицајците од ден на ден имаат сѐ повеќе работа со непочитувачи на полицискиот час. Општеството е на нозе, за да не падне на колена. Но, дали и во таква ситуација некои групи „крволочно“ се обидуваат да дојдат до некаков плен?
Надлежните институции за менаџирање на вонредната ситуација со корона вирусот се ажурни и редовно ја хранат јавноста со информации. Водат две борби во исто време. Со вирусот, но и со лажните вести поврзани со него. Некои уште се прикриени, некои се препознаени. Но, има сѐ повеќе непроверени вистини и коментари и тоа во светски рамки.
На пример, Европската унија обзнани дека има докази за руско-кинески лажни вести за Ковид-19. Тоа го пишува во извештајот на Одделот за стратегиски комуникации и анализа на информации кој е дел од Европскиот сервис за надворешна акција (EEAS).
Според извештајот, Москва и Пекинг се обиделе да ја прикажат ЕУ како неефикасна во борбата со корона.
Целта била да се направи впечаток во јавноста дека дури и најголемите европски демократии имаат слабости во справување со пандемијата.
Кај нас, пак, во креирањето на општиот впечаток најмногу се влијае со коментари на социјалните мрежи, а голем удел имаат и политичарите во изјавите пред камерите на медиумите. Во една прилика, лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека во земјата недостасуваат тестови, дека имало само 100 и дека тие не биле доволни ни за еден ден. Министерот за здравство, Венко Филипче, лично одговори на Твитер и ја оцени изјавата како обид за ширење на лажна вест.
„Џабе се бориме против лажни и неточни вести, ако претседателот на најголемата опозициска партија свесно лаже и креира паника меѓу граѓаните. Бидете спокојни, тестови има и постојано се набавуваат резерви“, напиша Филипче.
Додека прес-конференциите на министерот за здравство се одржуваа со новинари, некои од присутните во прес-центарот прашуваа и за некаква „матна“ набавка на респиратори за нереални суми, се зборуваше и сѐ уште се зборува и дека во некои здравствени установи недостасува заштитна опрема, дека условите во државните карантини не се на задоволително ниво.
Ако некои од информациите кои се сервираат на јавноста не ја отсликуваат реалноста, тоа може да резултира со поткопување на работата на државните институции во борбата со болеста, но и ширење страв помеѓу населението.
Токму околу лажните вести јасна изјава даде и првиот човек на државата, Стево Пендаровски. Тој ја уверуваше јавноста дека службите детектирале обиди за мешање во работата на институциите.
„Апелирам само за една работа: информирањето да биде од официјални извори. Во вакви ситуации, кога се случува епидемија на болест, има и епидемија на лажни вести кои креваат паника кај населението, при што се создаваат ситуации кога не им се верува на официјални, туку на алтернативни продуценти на вести. Нашите надлежни служби детектираа неколку обиди за планско ширење лажни вести за предизвикување паника. Не се работи за незнаење, туку за организирано и планско, со цел дополнително да се влоши ситуацијата и да се изгуби вербата во институциите“, изјави Пендаровски.
Македонија е мала држава, а токму во таквите држави лажните вести во голема мера имаат политичка мотивација – е ставот на дел од експертите. Најчесто, директна или индиректна мета се јавните институции. Зошто? Оние коишто креираат лажни вести многу добро знаат дека ако помеѓу луѓето преовлада недовербата во јавните институции – полесно може да се исчисти просторот пред себе за остварување на некои лични интереси, па дури и во кризно време. Тешко може да се лоцира од кој центар на моќ се нарачани таквите неточни или делумно точни пораки до јавноста.
„Всушност, токму една од главните цели на лажните вести е намерно да ги атакува или дискредитира институциите со што ќе се предизвика недоверба кај граѓаните. Тоа, за нарачателите или креаторите на лажни вести, е наједноставниот и најплодниот начин за да можат да ги пласираат своите информации и вистини, односно да ја уверат јавноста во својата страна на приказната. Меѓутоа, кога зборуваме за лажните вести во оваа глобална корона криза мора да земеме предвид дека говориме за многу силен инстинкт кој се јавува кај секоја личност да се заштити себеси и најблиските во оваа корона пандемија, па сме особено ранливи на секоја информација на оваа тема“, вели Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
Може ли да ги исплаши нешто оние кои продуцираат и шират лажни вести, многу повеќе отколку што ќе ги исплаши центрите од каде што тие се нарачани и финансирани? Во нашиот Кривичен законик нема посебно кривично дело со кое би се санкционирало ваквото поведение, меѓутоа може да се подведе под други, различни кривични дела. Граѓаните можат кривично да одговараат и да се санкционираат доколку шират невистинити и/или нецелосно истражени информации. Истото важи и за медиумите и новинарите кои се служат со полуфакти при своето информирање.
„Правото на слобода на изразување не е апсолутно и може да биде ограничено, особено во ситуации кога се соочуваме со прогласена светска пандемија од страна на Светската здравствена организација, како и прогласена вонредна состојба во нашата држава. Стигматизацијата кон одредена категорија граѓани би можела да повлече примена на членот 394-г од Кривичниот законик, кој забранува промовирање или поттикнување омраза, дискриминација или насилство против лице или група, меѓу другото и поради нивната здравствена состојба. без разлика кое средство за јавно информирање се користи (комјутерски систем, пишан медиум итн.)“, велат од Здружението на млади правници на Македонија.
И во светски рамки сликата не е ништо поинаква. Една од највпечатливите изјави е онаа на претседателот на САД, Доналд Трамп, кој се обиде да сугерира дека инјектирање на средство за дезинфекција може да ги излекува белите дробови од Ковид-19. Тој потоа се обиде да објасни дека не делел совети туку се обидел да биде саркастичен.
Во Турција за нешто повеќе од еден месец уапсени се 400 лица за ширење лажни вести и креирање паника на социјалните мрежи.
Петар Догов