
Лажен принц, погрешно знаме и непоставен црвен тепих- грешки на државниот протокол пред високите дипломатски гости
Референдумската треска донесе високо поставени светски и европски дипломати-но и неколку слики кои го обиколија светот поради грешките во протоколот.
Последната е надвор од таа агенда, но одекна најсилно, премиерот Заев го примил принцот на Црна Гора Стефан Цернетиќ, кој му врачил и медал од тие што преку фејсбук ги продава за 150 евра. Но никој од владата засега нема објаснување како принцот, за кој со сигурност се знае дека е измамник успеал да издејствува средба со премиерот- оправдувањето беше дека станувало збор за неофицијална средба.
-И неофицијални средби кога станува збор за јавни личности и официјални лица се отворнеи за јавноста. Главната улога на службите за односи со јавност и на организирање на средби е никогаш да не го донесат својот претпоставен во ситуација на блам, брукање. Се прават сите можни проверки официјалното лице да не го донесем во таква незавидна состојба. Сега не знам како е организирана средба со принцот и дали луѓето од службата на премиерот провериле за кого станува збор, рече Лукреција Маљковиќ Атансовска од Академија за протокол.
Од владата велат дека во набиената агенда се држат до високиот квалитет на протоколот иако признаваат дека има и грешки.
-Квалитет на организацијата на настаните е на високо ниво, во согласност со можностите и високата динамика на настани во краток временски интервал. Кај два од настаните се забележани протоколарни пропусти за кои се дефинирани начини за реализација за во иднина да не се повторат, ни одговорија од владата.
Пропустите се со знамето на Австрија и со пречекот на американскиот дипломат Матис. Маљковиќ Атанасовска од Академијата за протокол смета дека згрешеното знаме на Австрија (заменето со знамето на Летонија) е на ниво на скандал бидејќи станува збор за знаме кое е државен симбол. Досега нема одговорност за никого.
Во понеделникот и снимката кога уште се местеше црвениот тепих за шефот на Пентагон Матис беше разочарувачка, иако според Маљковиќ- најверојатно станува збор за брзање од страна на гостинот од Америка.
-При дочек на гости од авион, главно треба да се почека бидејќи на пистата треба да се намести тепихот, да се построи гардата и нареди оркестар и според снимките од камерите сметам дека тука грешката не е на наша страна туку дека Матис побрзал, вели Маљковиќ.
Најдобро е да се има единствен државен протокол за сите каде би се вршела обука, а не постојано да се менуваат луѓето внатре во секоја институција- вели Маљковиќ.
-Значи ни треба служба која ќе биде единствена и ќе биде под одговорност на едно лице , од едно место да се координира и да се подготвуваат настани, објаснува Лукреција Маљковиќ Атанасовска.
Во протоколот во Македонија се уште има случаи кога се потпишуваат договори со шишиња со етикети до нив иако тоа е најстрого забрането (договорите кои треба да стојат во архива може да се натопат и уништат).
Во минатото имало и случаи кога на ручек пред дипломат-вегетаријанец се изнесувало и јадење со месо или се испраќале покани до кардиналот со сопругата, иако тој не смее да се жени.
Миомир Серафиновиќ