
Курц ги повика граѓаните да гласаат „за“ Договорот за името
Со интонирање на точна химна, но со погрешно знаме на јарболот, Латвиско, денеска со официјални почести беше пречекан премиерот на Австрија, Себастијан Курц, во Владата на Македонија. Сепак тоа не го збуни Курц да испрати јасна порака дека Австрија и Европската унија очекуваат позитивен исход од референдумот за името и го поздрави компромисот постигнат со Грција.
„Би сакал граѓаните на Македонија да ги поканам да учествуваат на овој референдум и пред се да се изјаснат „за“ решавање на спорот со името и „за“ европската перспектива. Секако тоа е одлука на секој поединец и не е мое да ја направам одлуката за некој друг, но како пријател на Македонија и активна членка на ЕУ, сметаме дека би било многу позитивно ако има големо учество и позитивен исход на референдумот“, рече Курц.
Курц притоа посочи дека пораката која ја испраќа во Македонија е идентична и за граѓаните и за премиерот и за опозицијата, а таа е дека е важно Македонија да има европска перспектива, но и истата да ја искористи и да одат по тој пат, од која перспектива деке е и решавање на името.
Од македонската влада соопштија дека и се извиниле на Австрија за, како што наведуваат, ненамерниот протоколарен пропуст со нејзиното државно знаме.
„До него дошло поради големата сличност во димензиите и колоритот на знамињата на Австрија и Латвија“, наведуваат од владата. За тоа дали некој ќе понесе одговорност за протоколарниот пропуст, од Владата за Телма велат дека остануваат на соопштението во кое се извинуваат за ненамерниот пропуст.
Курц во Владата го пречека премиерот Заев кој ја оцени посетата на австриски колега како силна порака и поттик во пресрет на референдумот, на кој тој се надева декаграѓаните ќе гласаат за договорот со Грција.
За тоа дали Договорот за името ќе биде ратификуван во Грција, доколку Македонија го направи тоа, Заев е уверен дека и двете земји ќе ја завршат својата работа за прифаќање на Договорот.
„Му верувам на премиерот Алексис Ципрас и на министерот за надворешни работи Никос Коѕијас дека парламентот, после процесот во Македонија, и во Грција ќе гласа и уверен сум во ова бидејќи огромно мнозинство од грчките граѓани сметаат дека Договорот е добра работа за Грција, но за целиот регионот и за Европската унија“, рече Заев.
Курц се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој на австрискиот премиер, но и лидер на сестринска, народна партија, му го пренел ставот дека Договор за името останува неприфатлив за опозициската партија.
„Самиот договор не ги одразува државните и национални интереси на Република Македонија“, се наведува во партиското соопштение од средбата.
Од ВМРО-ДПМНЕ на Курц му пренеле дека за нив е проблематично и повеќезначното референдумско прашање.
Тамара Грнчароска