
Кумановските мали бизниси со апел до Владата: Ако не добиеме помош ќе мораме да ги затвориме фирмите
Ако не добиеме финасиска помош ќе бидеме приморани да ги затвориме фирмите со што повеќе од 1.000 вработени и нивните семејства ќе бидат доведени на работ на преживување – реагираа кумановските мали бизниси со писмо до Владата.
„Со новите предложени пакет мерки многу мал број од претпријатијата погодени од оваа криза ги исполнуваат условите. А и тие што ги исполнуваат добиваат средства само за април и мај, а веќе во сите претпријатија се чувствуваат последиците од неработењето во месец март. Многу од претпријатијата на препорака од Владата беа затворени (игротеки, центри за странски јазици, едукативни центри како и училишта за компјутерска обука, теретани, фитнес центри), а останатите кои работеа беа со намален промет и капацитет.“ – стои во писмото од Неформално здружение на услужни и трговски друштва од Куманово.
Велат многу од претпријатијата до тогаш ќе бидат приморани да ги намалат своите вработени, а сопствениците и оснивачите кои и така не беа опфатени со оваа мерка да ги затворат своите фирми.
„Оваа мерка не ги опфаќа управителите, а многу од овие фирми се човек фирма или само со еден вработен. Земете ги во предвид фризерските и берберските салони на кои се надодаваат и козметичките кај кои во наголем број има само по 1 вработен. Во не помала криза влегуваат и останатите микро и мали претрпијатија од нашиот град. Цвеќарниците и бутиците се обидоа да работат со скратено работно време меѓутоа во оваа криза на никого од нашите сограѓани не им е дојдено до нова гардероба или цвеќе. Со еден збор нема сегмент или гранка во која нема да има последици од оваа новонастаната состојба.“
Дополнителен проблем според нив е и полицискиот час и намаленото работно време, како и мерката за затворање на градот од петок вечерта од 21ч. до понеделник наутро.
„Имајќи ја во предвид неизвесноста во моментот и случувањата со ширењето на вирусот и прогласувањето на вонредна состојба доколку не добиеме финансиска помош ќе бидеме приморани да ги затвориме своите фирми. Со тоа повеќе од 1000 вработени и нивните семејства ќе бидат доведени на работ на преживување со оглед и на фактот дека на многумина им е семеен бизнис или единствен начин на приходи и егзистенција. Сите овие фирми освен егзистенција на голем број на семејства редовно си ги подмируваат сите обврски кон државата и другите институции.“- стои во писмото.
Од неформалното здружение бараат субвенционирање на бруто плати за управител и сите вработени за март, април и мај без услов поврзан со користење на било каква мерка од досегашните. Препорака до сите приватни лица кои издаваат деловни објекти за замрзнување на долговите на име на закуп или откажување за време на кризата.