
Кумановската група со закани кон ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ
Кумановската група со отворено писмо упати закани кон ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, велејќи дека нема да им простат затоа што биле предадеи, малтретирани и убивани. На Груевски, Мијалков и Ахмети им порачаа дека ќе ги најдат и на крајот на светот, ако не тие самите, тогаш нивните роднини или пријатели. За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, само кукавици се закануваат преку фејсбук и бараат милост од Заев за што е можно побрзо да излезат од затвор.
Обично кукавици преку фејсбук се закануваат по луѓе и по политичари и по граѓани, еве како сакате земете а при тоа се обидуваат да му слугуваат на владетелот за да добијат што е можно помала казна. Сте сториле нешто, има да одговарате за тоа, порача Мицкоски.
Покрај директно наведените, во писмото, групата тврди дека имаат листа од 13 лица, 9 од ВМРО-ДПМНЕ и 4 од ДУИ. Групата уште еднаш се пофали со инцидентот во затворот во Шутка и нападот врз Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, заканувајќи се дека следниот пат ќе ги тепаат и без да бидат испровоцирани.
Насер Рауфи кој е адвокат на дел од осудените за кумановските настани нема коментар бидејќи немал ниту контакти со своите клиенти. Тој ги застапува Лирим Красниќи и Есад Кафеџоли а во вторник ќе ги посети за да дознае повеќе. Она што неофицијално го слушнал е дека и двајцата се казнети по инцидентот.
Од затворот во Шутка велат дека за притвор нема санкции како самици или изолации, но по инцидентите се сменети групите за прошетка и направени се промени во распоредот на притворениците. Се проверуваат сите протоколи од доаѓањето на Јанакиески и Ристески во Шутка за да се увиди дали имало некакви пропусти. Сите работи ќе бидат јавно соопштени во понеделник, ни изјави кратко директорот на Шутка Ѓоко Котески кој веќе најави дека со извештајот за инцидентите ќе си поднесе и оставка. Миле Јанакиески веќе не е во Шутка откако судот му ја ублажи мерката и наместо затворски му определи домашен притвор и му забрани комуникација со сите вклучени во истрагата за крвавиот четврток, за што е осомничен и тој. Бидејќи од претходно во случај на СЈО, веќе има домашен притвор, сега на куќната адреса тој издржува двојна мерка- притвор и од Специјалното и од обвинителството за организиран криминал. Спиро Ристески остана во Шутка, одбиено му е барањето за пуштање од притвор.