
Куманово да се стави во карантин, бара локалниот Кризен штаб
Прогласување на карантин за Куманово и дислокација на бегалци од Табановце ќе побара општинскиот кризен штаб од Владата откако во градот беа регистрирани осум заразени лица и еден смртен случај како последица на коронавирусот.
„Бараме од Влада на Република Северна Македонија да донесе итна одлука Куманово да се стави во целосен карантин. Бараме од Владата на Република Северна Македонија да донесе одлука за дислокација на 81 бегалец од ПТЦ Табановце, кои повеќе од дваесет дена се наоѓаат во кампот’, се вели во соопштението на Општинскиот кризен штаб.
Покрај тоа, од Комисијата за заразни болести се бара да изврши тестирање на сите здравствени работници и сите вработени во полицијата и противпожарната служба.
Локалното комунално претпријатите „Чистота и зеленило“ е задолжено да продолжи со континуирана дезинфекција на станбени објекти за колективно домување и на јавни површини.