
Кумановец нарачал и платил бомбашки напад во двор на три семејства меѓу кои и поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Полицијата соопшти дека открила три лица од Куманово и од Оризаре кои организирале бомбашки напад врз куќа во Куманово. Нападот се случи во мај оваа година, а нарачател на нападот е 45-годишен жител на Куманово. Тој нашол двајца извршители кои за пари фрлиле експлозивна направа врз куќа во Куманово.
Нападот во мај го пријави поранешен член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кој живеел во истиот двор каде била целта на нападот. Во куќата на улицата Славиша Вајнер живеат три семејства, а полицијата во денешното соопштение не наведува кој е мотивот за напад врз кумановецот Д.Г. Во нападот во мај имаше материјална штета на објектите, а немаше повредени.
Еден од извршителите е уапсен и му е определн притвор, а тој е осомничен дека ја фрлил експлозивната направа.
МВР соопшти детали од истрагата која сега е во рацете на обвинителството:
„СВР Куманово поднесе кривична пријава против С.Т. (49) од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „поттикнување” во врска со „предизвикување општа опасност” и „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи”, против И.Ш.(53) од село Оризари, општина Липково за сторено кривично дело „поттикнување” во врска со „предизвикување општа опасност” и против С.А. од село Оризари, општина Липково поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „предизвикување општа опасност“ и „недозволено изработување, држење, посредување и тргување со огнено оружје и распрскувачки материи“.
На почеток на мај 2018 година во кафе бар во Куманово првопријавениот С.Т. побарал од второпријавениот И.Ш. да договори со трето лице, за паричен надомест од 1.000 евра, лицето да фрли експлозивна направа-бомба, во двор од куќата на Д.Г. од Куманово. После тоа, С.Т. на И.Ш. му ја дал експлозивната направа –бомба, по што тој му ја дал на С.А., кој на 27.05.2018 година околу 03.30 часот ја фрлил експлозивната направа во дворот од куќата на Д.Г. на ул. „Славиша Вајнер” во Куманово. С.А. е приведен и од судија на претходна постапка одредена му е мерка притвор.“- стои во соопштението на МВР.