
Кучињата скитници во Тетово се уште се трујат
Наместо згрижување како што најави општината, кучињата скитници во Тетово се уште се трујат. Дел од затруените завршуваат во водите на река Пена, тие што имаат среќа слободно шетаат низ централното градско подрачје.Граѓаните бараат што поскоро бездомните животни да се заловат, и да се сместат во стационар.
На седница на совет на Општина Тетово уште во месец октомври, се донесе одлука на месечно ниво да се заловуваат дваесетина кучиња и истите да бидат згрижени во стационар на веќе постоечки на објект на комунална хигиена. Но и по поминати три месеци, не се случуваат никакви активности околу реализација на проектот.
Од Општина Тетово велат дека се работи на решавање на проблемот. Но, најнапред според градоначалничката на Тетово Теута Арифи, треба да се завршат административните и тендерските процедури околу згрижувањето на кучињата сктитници.
Во Тетово речиси секојдневно се регистрираат напади врз луѓе од кучиња скитници. Дел од нив завршуваат со серизони повреди и инфекции.
Проблематично е што голем дел од незгрижените животни имаа заразни болести како Лајшманиоза и Шуга. Но ваквата појава, властите не ги алармираат конечно да преземат конкретни чекори за згрижување на бездомните животни.
Зоран Димовски