
Кривичниот суд – Скопје го одби барањето на Османи и Нухиу да го посетат Морина во притвор
Кривичниот суд во Скопје го одби барањето на вицепремиерот Бујар Османи и на заменик-министерот за внатрешни Агим Нухиу да го посетат во затвор Томор Морина, поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово.
Повикувајќи се на член 178 од Законот за кривична постапка, судот ги известил Османи и Нухиу, и двајцата функционери на ДУИ дека не може да посетат притвореник.
Во овој член од законот, пишува дека посетите на притвореник ги одобрува судија на претходна постапка и дека притвореникот може да го посетат блиски роднини, амбасадори, народен правобранител, а по барање на притвореникот може да го посети лекар и други лица.
Вицепремиерот Османи, во вторникот, побара итно ослободување на Морина и рече дека ќе го посети во притвор.
За барањето за екстрадиција на Морина ќе се одлучува во понеделник. Томор Морина беше уапсен на Блаце, по потерница од Интерпол, на барање на Србија која го бара под сомнение за сторени воени злосторства против цивили за време на конфликтот во Косово.