
Ново обвинение за Боки 13-ка, за Меѓународен сојуз на обвинителна клупа и пратеничката Ременски
Пред крајот на судењето за аферата Рекет, кривичниот суд објави дека го прифатил во целост обвинителениот акт и за продолжението на ова кривично дело, за активностите на Меѓународниот сојуз. Обвинети се вкупно петмина, меѓу нив се и Бојан Јовановски Боки 13, но и пратеничката и потпретседателка на Собранието Фросина Ременски.
Покрај Боки 13, обвинет е неговиот татко Миле Јовановски, неговата соработничка во Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, како и Христина Блажевска, асистенката на првообвинетиот. Сите се товарат за дела перење на пари и измама, а пратеничката Ременски се товари за помагање. Обвинението се однесува и на организацијата Меѓународен Сојуз. Судот соопшти дека по проценката на доказите обвинението е прифатено.
Соопштение на Кривичен суд Скопје:
-Ќе биде оформен предмет кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија од Одделот за организиран кирминал, а по насрочена главна расправа странките и јавноста ќе бидат дополнително известени.
Компјутерскиот АКМИС утре ќе го избере судијата кој ќе го води новиот случај поврзан со Рекет. Обвинетите се товарат дека од двајца бизнисмени и нивните градежни фирми за проект со старечки домови зеле речиси милион евра. Парите 720 илјади евра од ГП Илинден на Силјан Мицевски биле уплатени преку авторски договор за регистрираниот патент за домови за возрасни лица. Парите ги добила пензионерката Љиљана Тодоровска која била автор на проектот, но тврдеше дека парите и биле земени од асистенката на Боки 13.
Втората фирма која е измамена според обвинението е струшката Дрим билдинг на сопственикот Ардијан Амзовски која во кеш дала 233 илјади евра за проектот. Парите никогаш не биле потрошени за изградба на старечки домови. Пратеничката Ременски пак е посочена дека како државен функционер му давала совети на Боки 13 и присуствувала на состаноци со инвеститорите со што тие стекнале доверба во условите за проектот. Во случајот се спомнуваа и други политичари, како што е екс генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацоски и градоначалникот на Карпош Стефан Богоев чиј татко е дел од управниот одбор на меѓународниот сојуз, обвинението застана на 4-ца членови на организацијата и една пратеничка.
Миомир Серафиновиќ