Кривични пријави за актуелни и поранешни директори на РЕК Битола и за АД ЕЛЕМ за загадување

Битолската полиција поднесе кривична пријава против Електрани на Македонија за загадување на животната средина и природата, како и против петмина  поранешни директори и раководители на РЕК Битола кои се осмничени за соизвршителство во ова кривично дело. Од полицијата  потврдува дека се постапувало по кривичната пријава на Здружението „За нас се работи“ поднесена во мај минатата година против тогашното раководство на ЕЛЕМ и РЕК.

„По претходна пријава до СВР Битола и до ОЈО Битола, направени се низа проверки при што е констатирано дека пријавените лица, со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина, пропуштиле да ги реконструираат постоечките  или да постават нови филтри за прашина, со што дозволиле да се  пропуштаат штетни честички количински повеќе од 50 милиграми на метар кубен. Исто така, пријавените   дозволиле да се врши отпепелување на одлагалиштето, каде што често се создавале воздушни вртлози од пепел со земја. На тој начин предизвикале пораст на статистичкиот показател на загаденост на воздухот во град Битола, што претставува опасност по здравјето на луѓето“, се наведува во информацијата од СВР Битола.

Во врска со кривичните пријави од ЕЛЕМ велат дека ќе бидат на располагање на сите институции за утврдување на фактичката состојба, а менаџментот веќе презема мерки за стандардизација на производството.

„Новото раководство на АД  ЕЛЕМ презема мерки во насока на заштита на животната средина и сите активности се во насока на производство на електрична енергија со што помало влијание на околината. Во 2017 новот раководство почна постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, која ќе спречи отпадната пепел да се шири во околината. За 2018 година предвидени се средства за набавка на електростатски филтри кои ќе спречат емисија на штетни амтерии во воздухот“ пишува  во соопштението од ЕЛЕМ.

Битола е еден од најзагадените градови во Европа, а мерењето на квалитетот на воздухот со години наназад покажува високи концентрации на канцерогените ПМ честички. Истражувањето што лани го спроведе Битехничкиот факултет од Битола, покажа дека радиоактивната пепел од депонијата, ја загадува цела Пелагонија. Според официјланите статистики Пелагонискиот регион е на прво место по смртност  од рак во земјава.

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ