
Кривична пријава заради ширење на корона вирусот
Себичното, несовесно и нечовечко однесување на едно младо лице од Скопската општина Карпош придонело негови пријатели, роднини и колеги да се заразат од Ковид 19.
Момчето со иницијали Ф.К. најверојатно било туристички во Словенија, а во земјава се вратило на 8-ми март преку граничниот премин Табановце. Потпишал изјава за самоизолација, но не ја почитувал. Наместо да седи дома, имал интензивно дружење. Десетина дена подоцна, таткото е хоспитализиран на Инфективната клиника, а заболени се уште неколку колеги. Мајката преку социјалните мрежи тврди дека вирусот го добиле од колеги од Србија кои биле во посета на приватната фирма на ова познато скопско семејство. Лажен исказ дава и Ф.К. Пред полицијата тврди дека не патувал во странство.
МВР утре ќе му поднесе кривична пријава. Предупредуваат дека давањето точни информации може да спаси човечки животи.
Утре МВР ќе соопшти колку лица се заразени поради одбивањето на Ф.К. да ги прифати двете недели самоизолација.
Соња Николовска